Страв, несигурност и сомнеж во соопштението на Народна Банка за криптовалутите


Во среда, 28 септември, Народна Банка на Република Македонија се огласи со соопштение кое се однесува на криптовалутите. Со кратко пребарување на гугл може да се заклучи дека ова е прво соопштение на тема криптовалути и се чини дека, како за прв пат, НБРМ не постигна голем успех. Поводот за ова соопштение најверојатно е веста дека лондонската финансиска полиција покрена истрага за валутата OneCoin, за која НБРМ верува дека е доста купувана од македонски државјани. Намерата на НБРМ е добра, и секако, самата информација од финансиската полиција за истрагата на оваа валута е доволна причина да запрете какво било работење во оваа валута.

Што е криптовалута?

Накратко, дигитални пари. За најраспространетиот вид на криптовалута, биткоин, важи следното:

  • Биткоин е децентрализирана валута: ниеден поединец не контролира колку биткоин има на пазарот на пари и не постојат централни банки.
  • Биткоин e дигитална валута: сите пари кои поединец ги поседува ги чува во апликација наречена дигитален паричник, не постојат банкарски сметки, и не постојат банки кај што се чуваат биткоини.
  • Биткоин се разменува со декретни валути (fiat currencies) на таканарачени берзи за биткоин. Kорисниците можат и да тргуваат со добра за размена за биткоин, како и секоја друга валута, на таканаречени онлајн пазари.
  • Сите трансакции со биткоин се запишуваат во јавна главна книга (ledger) која се чува во дистрибуирана, децентрализирана база на податоци позната под името blockchain. Оваа релативно нова технологија, која наголемо се основа врз криптографија, овозможува главната книга да биде јавна, децентрализирана и безбедна од обиди за манипулација за туѓи трансакции.
  • Вредноста на биткоин ја одредува самиот пазар: довербата на корисниците и тоа колку биткоини има во оптег.

Најдобар начин да се разберат криптовалутите е да се појде од точката дека тоа се во основа валути, па повеќето ризици и предности кои постојат кај декретните валути - постојат и кај криптовалутите. Се разбира, постојат разлики, и баш тие го прават биткоин попривлечен за користење, како на пример, тоа што главната книга е јавна, и затоа што нема можност за манипулации, дава поголема доверба на корисниците во однос на моменталната вредност на биткоинот. Минатата година бројот на трговци кои прифаќаат биткоин при трансакции, на светско ниво, ја проби бројката од 100 000, што говори многу за сериозноста на биткоин во глобалната онлајн трговија.

Што вели НБРМ?

Во поднасловот на соопштението

За ризиците поврзани со ONECOIN и останатите „дигитални“ (крипто) валути

'дигитални' е ставен во наводници, а 'крипто' во заграда. Ова во самиот почеток не влева многу доверба кај јавноста дека кабинетот на гувернерот знае за што станува збор.

Во првиот параграф, соопштението предупредува за ризиците со тргување со валутата onecoin. Споменува дека „повеќе странски регулаторни тела издадоа слични соопштенија“, но воопшто не е споменато дека постои и истрага за измама, ниту се понудени референци до соопштенијата.

Понатаму се вели:

Резидентите (правни или физички лица) на РМ не можат да отворат, односно да имаат сметка во странство, ниту да чуваат парични средства на тие сметки

Да, ова е точно. Но тоа што НБРМ забораваат, или не знаат, е дека кога се работи со биткоин, не постои сметка во странство. Во моментот кога денари се разменуваат во биткоин (на некоја од берзите за биткоин), корисникот ги добива биткоините директно во својот дигитален паричник, на својот компјутер. НБРМ забораваат дека е сосема легално граѓанин на Македонија да смени денари во странска менувачница, акт што отприлика би бил еквивалентен на менување на денари во криптовалута.

Исто така, вложувањето на резидентите во хартии од вредност во странство, како и вложувањето во деривативни финансиски инструменти чија цена директно или индиректно зависи од цената на хартијата од вредност, странската валута, берзанскиот производ или висината на каматната стапка, не е дозволено

Криптовалутата се наоѓа во вашиот паричник, на вашиот компјутер - тоа не е хартија од вредност. Со тие пари можете да купите добра или пак да ги смените за друга декретна валута. Ништо од тоа не се наоѓа на листата погоре.

Оттука, купувањето, односно инвестирањето од страна на резидентите физички лица во дигитални (крипто) валути, според регулативата во Република Македонија, не е дозволено

Ова едноставно не е точно. НБРМ во соопштението се обидува да ја претстави криптовалутата како „хартија од вредност“ или „сметка во странство“, па купувањето на криптовалути да го прогласи за незаконско, но тоа не е ни едното ни другото. Која е целта на овој лажен опис? Дали НБРМ ова го прави со намера или едноставно ни тие не знаат дека не е исто? И кое од овие две е полошо за граѓаните?

Понатаму, во четири точки, НБРМ ги дава следните предупредувања за ризици:

Може да имате реална загуба на парите кои сте ги вложиле.

Точно, но која инвестиција на пазарот на пари не подлежи на реална загуба? Во овој поглед, по која особеност се разликува криптовалутата од декретната?

За да купите дигитални (крипто) валути треба да имате пристап до платформа, односно софтверска апликација на која се разменуваат овие валути. Овие платформи најчесто се нерегулирани и интерните правила на создавачот на платформата се предмет на чести измени.

Да, софтверската апликација во случајот е дигиталниот новчаник. Но втората изјава е неточна - не постои регулација на валутата, но правилата на тргување се постојани, не само што не се предмет на чести измени, туку никогаш нема измени во врска со правилата на тргување на биткоин.

Втората точка е светлиот момент на соопштението - ако не сте спремни да си ја запамтите лозинката на вашиот дигитален новчаник и ако не сте навикнати да правите дигитален бекап на податоци - не сте спремни да тргувате со криптовалути.

Понатаму:

Вредноста на вашите дигитални (крипто) валути може многу брзо да се намали,

Повторно - во што се разликува ова од обичните валути? Дали постоеше вакво соопштение пред брексит, кога британската фунта стрмоглаво ја изгуби вредноста преку ноќ?

дури и да падне на нула

Ова е едноставно неточно - за вредноста на биткоин пишував погоре. Од нејзиниот почеток во 2008, до денес, валутата биткоин никогаш не достигнала вредност нула.

може да се случи клиeнтите да имааат повеќе дигитални средства во дигиталниот паричник, но тие да вредат помалку во реалниот живот.

По трет пат, нема разлика со обичните валути. Доколку имате британски фунти во вашиот сеф, а британската фунта изгуби од вредноста на финансиските пазари, вашите пари, во вашиот сеф, ќе вредат помалку. Особено ми е интересен куриозитетот кога НБРМ зборува за „реалниот живот“, во 2016. Зошто ми е интересно? Во 2013, повеќе од 41% од интернет корисниците на светско ниво барем еднаш купиле производ онлајн. Дали, според НБРМ, овие купувања не се дел од реалниот живот? Дали 100 000 трговци од почетокот на текстот, кои примаат биткоин како валидна валута, не се дел од реалниот живот?

Трансакциите поврзани со дигиталните (крипто) валути може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари

Не знам дали треба да бројам. Обичните валути може да се користат за криминални активности и перење пари.

налогодавачот и примачот на парите се анонимни. Тие им нудат на клиентите голем степен на анонимност,

Точно, но зошто тоа не би било во полза на граѓаните?

но најчесто трансакциите не може да се следат

Кој има корист од следењето на трансакциите? Што значи тоа најчесто? Но повторно, ова сепак не е точно. Трансакциите се јавни. Секоја трансакција е дел од главната книга, и секој учесник на пазарот, во секој момент, ја има последната верзија од главната книга.

Тоа што веројатно НБРМ сака да го каже е дека учесниците на трансакциите се анонимни, но, потребно е НБРМ да објасни кој има полза од тоа учесниците да не бидат јавни?

овие мрежи на дигитални (крипто) валути најчесто и се користат за трансакции поврзани со криминални активности, перење пари и финансирање на тероризам

Ова е најужасната реченица во цел текст и истата го инспирираше и насловот на текстот. Што значи „најчесто“? Дали НБРМ ќе понуди некаква статистика? Дали обичните валути не се користат за криминални активности? Дали НБРМ ќе понуди барем еден пример во кој постои сомнеж дека некоја терористичка организација се финансира со криптовалути?

По стоти пат - по што се разликува криптовалутата во овој поглед?

државните органи според своите законски овластувања, може да ја блокираат платформата и да ги замрзнат сите средства на сите корисници.

И ова не е точно. Се чини дека НБРМ сосема површно направиле истражување на темата, и случајот со Silk Road од 2013 си го протолкувале на свој начин. Исто така, под „платформа“ НБРМ подразбира различни работи, еднаш тоа е апликацијата која служи како дигитален новчаник, а потоа тоа е онлајн пазар.

Silk Road беше онлајн пазар за илегална трговија кој после долга истрага од FBI беше затворен. Тоа што НБРМ погрешно си протолкувале е дека сите средства на корисниците биле замрзнати или запленети. Тоа е целосна измислица од страна на НБРМ, а последицата е сеење страв. Единствените пари кои корисниците ги загубиле беа парите за escrow. (Единствениот кој ги изгуби сите пари беше сопственикот на илегалниот пазар Рос Улбрихт)

Мојот личен заклучок

е дека НБРМ едноставно површно и мрзливо се зафатиле со проблемов. Ситуацијата со onecoin, која веројатно е измама, а не регуларна криптовалута, беше одлична прилика највисокото државно тело да ги едуцира граѓаните, а не да ги плаши со тероризам. Оваа прилика е изгубена. Многу малку информации се дадени за криптовалутите, а овие нема магично да исчезнат само зашто НБРМ рекле дека се опасни. Правата мерка е едукација, а НБРМ се чини дека и самите себе не успеале доволно да се едуцираат.


tags: криптовалути нбрм onecoin